коленица | ж.

колено.

коленичав | прид.

Што е покорен, понизен. Кон државата секогаш беше лојален и коленичав.

коленичи | несв.

Клечи, стои на колена. Коленичи на браздата во полето. Коленичеше пред иконата и се молеше.

коленички | прил.

Со клечење, со влечење на колената. Се наведна и така коленички го бакна нежниот цут.

колено | ср.

(анат.) а) Зглоб на човечката нога што ги спојува бедрената и потколеничната коска; дел од ногата на кој се наоѓа зглобот; б) соодветен зглоб или дел од предна или задна нога на животно. Клекна на колена. Има убави колена. Ги раскрвави колената.

колепка | ж.

Постелка, крошна, креветче за мали деца што може да се лула. Бебето спиеше во старата колепка.

колера | ж.

Тешка заразна болест проследена со чести проливи, повраќање и нагло губење на телесната сила.

колерик | м.

Човек склон кон брзо и силно возбудување, раздразнување, што брзо се лути, се кара, избувлив, остар.

колеричен | прид.

Што покажува особини на колерик, што е во состојба на колерик. Колеричен темперамент.

колесник | м.

Кола на две тркала што е влечена од жива сила; двоколка. Се возеше врз сено на разнишан колесник.