карличен | прид.

Што се однесува на карлица. Карлична коска. Карлична празнина.

карма 1 | ж.

Наредени дрва. Порано мажите одеа в планина, сечеа дрва и ги редеа на карма.

карма 2 | ж.

Во индиската религиозна филозофија – верување дека судбината на човекот зависи од неговите постапки пред неговото повторно раѓање; судбина предодредена со нешто од далечното минато.

кармакараши | прил.

Растурено, измешано. Собата стана кармакараши.

кармин | м.

Интензивна, светлоцрвена боја. Купи три фустани, бел, зелен и кармин.

карминиса | св.

Намачка усни со кармин. Ја убеди да ги карминиса усните.

карневал | м.

Голема веселба, со многу народ, која обично трае повеќе дена и е проследена со улични игри, танци на маскирани лица. Си направи маска за годинашниов карневал.

карнер | м.

Украсен пораб или пришиена набрана лента, обично на облека, завеса и сл. Фустан со карнери.

каро | ср.

Карта за играње означена со црвени ромбови. На масата фрли седмица каро.

каросерија | ж.

Метална, надворешна конструкција на автомобил. Каросеријата на автомобилот уште е мокра од миењето.