мулат | м.
Мелез, човек на кој едниот родител му е белец, а другиот црнец. Црните луѓе на островот Мартиник се помешани и затоа се викаат мулати.
муле | ср.
Домашно животно, копитар, приплод од магаре и кобила; Equus mulus. Јаваше на муле. Ги напои мулињата.
мулине | ср.
Конец од една, две или повеќе нитки што може да се двојат, за везење и општо за рачна работа.
мулиштар | м.
Магаре кое оплодува кобили.
мулк | м.
Недвижен имот; облик на приватна сопственост на земја во феудализмот. Имам малу мулк и некоја пара. Нема мулк.
мулти- | претс.
Како прв дел од сложенки со значење: многу, повеќе: мултивитамин, мултимилионер, мултиетнички.
мултидисциплинарен | прид.
Повеќедисциплинарен, што бара вклучување на повеќе научни дисциплини за неговата реализација. Трудот претставува мултидисциплинарна синтеза.
мултикултура | ж.
Постоење, проникнување на повеќе форми на културен живот во една општествена средина. Таа е дел од канадската мултикултура.
мултимедијален | прид.
Повеќемедијален, што се служи со неколку техники за репродукцијата и пренесувањето на комуникациите. Премиерата на мултимедијалниот балет.
мултипликатор | м.
Умножувач; множител.