ново- | претс.

Прв дел од сложенки, со значење скорешен, неодамнешен, нов: новоградба, новогодишен, новодојден, новороденче, новосоздаден.

нововерец | м.

Лице што примило нова вера или што од неодамна станало верник, примило вера.

нововерски | прид.

Што припаѓа, што се однесува на нововерец и на нововерка.

новогодишен | прид.

Што се однесува на Нова година. Новогодишна елка. Новогодишна честитка. Новогодишни празници.

новоградба | ж.

Новоизграден објект.

новодојден | прид.

Што е дојден од скоро, што е нов во една средина. Новодојден партизан. Новодојдени доселеници. Новодојдениот не можеше да се навикне на новата средина.

новозаветен | прид.

Што се однесува на Новиот завет. Новозаветни текстови.

новоизграден | прид.

Што е нов, изграден неодамна. Новоизградена фабрика.

новокомпониран | прид.

Што е компониран во духот на народната песна од професионални композитори, обично во негативна смисла. Новокомпонирана музика.

новокуќник | м.

Лице кое тукушто започнало да куќи куќа; нов домаќин.