наравоучение | ср.

Поука, предавање, пренесување определени правила, норми на однесување.

нарадува се | св.

Помине доволно време во радост со некого, со нешто. Да поживееше уште малку, да им се нарадуваше на децата. Не можеше да им се нарадува кога ги виде. Не ѝ се нарадува на колата, само што ја купи, му ја украдоа.

нараза | ж.

Почеток на оболување кај растенијата. Да ги напрскаме цвеќињата, им се јавила некаква нараза.

наразговара се | св.

Помине долго, до задоволување, во пријатен разговор.

нарази | св.

Предизвика болест кај растенијата. Росата само го нарази тутунот.

нараквица | ж.

Дел од облеката или од специјален прибор што се навлекува на раката, на дланката и прстите. Плетени нараквици. Кожени нараквици. Хируршки нараквици.

нараквичар | м.

Тој што изработува, што продава нараквици.

нарами | св.

Стави на рамо, префрли преку рамо. Нарами торба. Нарами мотика. Нарами пушка.

нарамка | ж.

Стомна што се носи на рамо.

нарамник | м.

Заграб дрва и сл. колку што може да се носи на рамо. Навечер се враќале дома едни со нарамници дрва, други со нарамници планински цвеќиња.