определба | ж.

(само едн.) Определување, ориентација, цел. Определбата за оваа тема преизлегува од актуелната состојба. Лична определба. Поетска определба.

определен | прид.

Што е точно установен, утврден; што е точно насочен. Определениот рок за запишување на факултет беше изминат. Определено движење.

определи | св.

а) Точно установи, утврди нешто. Овчарот точно можеше да определи од која страна доаѓа звукот на ѕвонецот. Карактерот на збирката е определен во предговорот. Тој не можеше да определи точно, каков е неговиот став. б) Пресмета, утврди број, количество. Комисијата ја определи најниската откупна цена.

определив | прид.

Што може да се определи, да биде определен.

определувач | м.

Тој, тоа што определува. Водата била определувач на границите на селото.

опредметен | прид.

Што е претворен во реалност, реализиран, остварен. Во неговото дело е опредметена душата на светот и на човекот.

опредмети | св.

Претвори во предмет, во реалност; оствари. Се разбира, сите овие тези треба да се докажат и критички да се опредметат.

опрема | ж.

Севкупност од предмети, алатки и помагала со определена заедничка намена. Коњска опрема. Техничка опрема.

опремен | прид.

Што е снабден, обезбеден со потребната опрема. Во училиштето има кабинети и добро опремени лаборатории.

опреми | св.

Снабди, обезбеди потребна опрема за некого или за нешто. Четата уште подобро се обружи и опреми.