обликувач | м.

Тој што обликува нешто. Обликувач на фигури.

облина | ж.

Заобленост, тркалезност. Облина на каменот.

облог | м.

Спогодба, тврдење или предвидување на исходот, на резултатот од нешто од чија точност зависи определена добивка или загуба. Тој го загуби облогот. Тие се фатија на облог.

облога | ж.

Парче ткаенина (обично натопено со вода или со некаков медицински раствор) што се става на заболено или повредено место од телото. Си ставаше студени облоги на главата. По снагата му редеше облоги со винска киселина.

обложи | св.

Замота, завитка со нешто. Таа ја обложи кутијата со украсна хартија. Детето го обложија со студени чаршафи.

обложи се | св.

Фати облог со некого (обично на вредносна стока – пари, имот и сл.). Се обложи со другарите дека може да оди по јаже. Тие се обложија во своите имоти за да докажат кој е во право.

обмириса | св.

Опфати, исполни со мирис. Собата беше обмирисана од дуњи.

обмислен | прид.

Што е претходно добро, внимателно разгледан, проучен, анализиран. Обмислен говор. Обмислено решение.

обмисли | св.

Промисли, размисли опстојно, задлабочено во врска со некаков проблем. Тој убаво обмисли што треба да каже. Адвокатот обмисли како ќе ја води постапката. Непријателот го обмисли планот за напад.

обнадежи | св.

Даде, влее надеж некому, охрабри некого. Веста што ја слушна го обнадежи. Твоите зборови ме обнадежија.