огнило | ср.

Парче челик со кое се удира во кремен и се предизвикуваат искри; секало. Од џебот извади огнило, кремен и трат.

огница | ж.

Треска, висока телесна температура. Таа трепереше во огница и бладаше. Лицето му беше вцрвенето од огница.

огничав | прид.

Што има огница, што е болен од огница. Огничаво дете.

огниште | ср.

Место во куќата или место воопшто каде што се пали оган. Децата легнаа покрај огништето. На огништето висеше котел полн со тиква. Запали оган на старото огниште пред колибата.

огнодишен | прид.

Што фрла оган. Огнодишно оружје.

огномет | м.

Исфрлање од ракети и други запаливи материи што се распрскуваат во разнобојна светлина на небото, обично ноќе при прослави, празници и сл. Забавата заврши со огномет. Огнометот траеше до доцна во ноќта.

огнометен | прид.

Што се однесува на огномет. Огнометен блесок.

огноотпорен | прид.

Што е отпорен на оган, што поднесува многу висока температура. Огноотпорен сад. Огноотпорна материја.

огнопер | прид.

Што има перја со огнена боја. Огнопер петел.

огнострелен | прид.

За оружје – што стрела, што овозможува стрелање. Огнострелно оружје.