постемни се | св.

Се стемни уште малку. Почекај да се постемни, па оди.

постенка | св.

Стенка малку, кратко време.

постепен | прид.

Што се одвива без остри промени, со благи премини, степен по степен. Тоа сведочи дека дошло до постепено заборавање на одделни народни песни. Тука почнува историјата на неговата постепена преродба, постепен премин од еден свет во друг.

постер | м.

Голем печатен оглас, плакат што се користи за рекламирање на некој производ, настан и сл.

постесни | св.

Направи малку потесен, стесни уште малку. Постесни го кругот.

пости | св.

Држи пост, се воздржува од мрсни јадења; пост1 Таа редовно пости и редовно се причестува.

постивне | св.

За глас, ветар, болка – стивне малку, во некоја мера. Болката му постивнала. Утрото ветрот постивна.

постига | несв.

постиглив | прид.

Што може да биде постигнат. Ако се работи напорно, резултатот ќе биде постиглив.