привид | м.

Нереална претстава за нешто, лажна слика на стварноста, нешто што се причинува некому како реалност. Лажен привид. Непријатен привид. Привид на блага душа. Исчезна како привид. Во привиди не верувам.

привиден | прид.

Што не е вистинит, нереален. Привиден мир. Привидна слобода. Привидна искреност. Привидно спокојство.

привидение | ср.

Тоа што е плод на вообразување, што некому му се привидува. Полноќни привиденија. Страв од привидение. Сениште и привиденија. Приказни за привиденија.

привиди | св.

Види, посети кратко време; провери, проконтролира. Утре ќе ве привидат внуците. Го привиде детето, тоа спиеше.

привика | св.

Викне одеднаш, ненадејно, свика; подвикне некому, прекори некого. Привикаа кутрите, ама никој не им дојде на помош. Сите привикаа да се одржи редот во чекалницата. Тој им привика на децата да слезат од јаболкницата. Му привика на човекот без причина.

привикне | св.

Добие некаков навик, навикне. Тој привикнал да доцни на работа.

привилегира | св. и несв.

Даде, дава некому привилегија.

привилегиран | прид.

Што има привилегија. Привилегирана класа. Привилегирана мисија.

привилегија | ж.

Исклучиво право, предност што го поставува некого во поповолна положба наспрема другите врз основа на правни прописи или други општествени правила. Тоа било привилегија само на повисоките општествени класи. Во патријархатот жената е без привилегии.