реалија | ж.
Стварност, нешто што постои опредметено или мисловно како предмет и како поим во свеста. Лирски реалии. Реалии на времето. Непостоење реалија за вистинските настани.
реалност | ж.
Стварност, вистинитост, сето она што нè опкружува и што претставува објективно постоење, што може да го приемаме со сетилата. Нашата реалност е таква. Реалноста во која живееме не е убава. Груба реалност.
реанимација | ж.
(мед.) Оживување, повторно враќање во живот. Реанимација на пациентот. Сала за реанимација.
реанимира | св. и несв.
Врати, враќа во живот, спаси, спасува од смрт. Пациентот успешно го реанимираа.
реанимиран | прид.
Глаголска придавка од реанимира.
реафирмација | ж.
Повторно истакнување, постигнување успех, повторна афирмација. Реафирмација на народниот јазик. Реафирмација на неговите способности.
реафирмира | св. и несв.
Направи, прави нешто повторно да биде афирмирано. Ги реафирмира традиционалните вредности.
ребрен | прид.
Што се однесува на ребро. Ребрен простор. Ребрена коска.
ребрест | прид.
Тој што има ребра, што му се нагласени ребрата. Ребрест коњ. Стариот ребрест вол. Ребресто куче.
ребри се | несв.
Се прави важен, покажува сила и надмоќ. Тој се ребреше пред нас. Таа се ребреше во новите скапи алишта.