рендоса | св.

Струже со ренде материјали од дрво и од метал и прехранбени продукти. Тој ја рендоса штицата. Таа ги рендаса морковите и јаболката.

ренегат | м.

Тој што ги напуштил своите политички убедувања и преминал на противничката страна; отпадник, отстапник. Еден бесрамен ренегат.

ренегатски | прид.

Што се однесува на ренегат и на ренегатство. Ренегатски живот. Ренегатска политика. Ренегатска група.

ренегатство | ср.

Отпадништво, предавство; состојба и постапка на ренегат. Тој беше обвинет за ренегатство.

ренесанса | ж.

(истор.) Епоха во средината на XIV до почетоците на XVI век, првенствено во Италија, обележана како општо преобразување и преродба во сите сфери, голема преродба на европската култура, наука и уметност по инспирација и по углед на античкото културно наследство. Европска ренесанса. Во времето на ренесансата се создадоа врвни дела од сите области.

ренесансен | прид.

Што се однесува на ренесанса, што припаѓа на ренесанса, што е својствен на ренесанса. Ренесансно творештво. Ренесансен писател. Ренесансни дела. Ренесансен период.

ренета | ж.

Вид, сорта убаво јаболко со дамки; Malis domestica. Канадската ренета поднесува ниски температури.

ренѕа | несв.

Цимоли, плаче, кенка. Цел ден само ренѕа.

ренѕало | ср.

Тој што постојано, често ренѕа; плачливко.