реставратор | м.
Специјалист за реставрација, за обновување стари уметнички дела и споменици на културата. Реставратор на икони.
реставраторски | прид.
Што се однесува на реставратор и на реставрација. Реставраторски центар. Реставраторска постапка. Реставраторски план. Реставраторски работи.
реставрација | ж.
Обновување, враќање на стари, уметнички предмети во поранешната состојба. Реставрација на иконостасот во црквата.
реставрира | св. и несв.
Обнови, обновува, врати, враќа во првобитен облик уметнички предмет, споменик на културата и сл.; изврши, врши реставрација. Тој ги реставрираше фреските во црквата. Тие го реставрираа манастирот.
реставриран | прид.
Глаголска придавка од реставрира.
рестант | м.
Должник што доцни со исплатата, што не го вратил долгот во определеното време, во определениот рок.
рестартира | св. и несв.
Повторно стави, става во работа стопански објект, фабрика, погон, дел од производствен процес. Ја рестартираа фабриката за шеќер.
реституира | св. и несв.
Повторно воспостави, воспоставува право на сопственост врз насилно одземен имот.
реституција | ж.
Воспоставување на поранешна состојба, на поранешните права. Комисија за реституција.
ресто | ср.
Остаток од дадени пари при плаќање, кусур. Рестото го задржа за себе.