рибанка | ж.

Големо парче, обично пресечен леб. Изеде две рибанки леб.

рибар | м.

Човек што лови или што продава риба. Рибарите рано испловија со кајчињата. Покрај брегот едно чудо рибари со трски. Рибарите ги крпеа мрежите.

рибари | несв.

Се занимава со ловење риба. Тој рибареше на Охридското Езеро. Домородците ја обработувале земјата, ловеле и рибареле.

рибарина | ж.

Такса, данок за рибарење.

рибарница | ж.

Дуќан, место каде што се продава риба. Во рибарницата на аголот донеле сом.

рибарство | ср.

Стопанска гранка, индустрија и трговија со риби. Завод за рибарство. Слатководно рибарство.

рибен | прид.

Што се однесува на риба, поврзан со лов, продажба и обработка на риба. Рибен фонд. Рибна индустрија. Рибен ресторан. Рибен пазар.

рибизла | ж.

Вид грмушка, овошно растение, со долги и прави гранки, со црвени или црни ситни плодови во вид на грозд; Ribes sp. Црна рибизла. Црвена рибизла.