риза | ж.
Свештеничка облека, мантија.
риза | несв.
Слуша, е послушен. а) За човек. Му измеќаруваше и го ризаше. Да ја ризате баба ви! б) За дел од телото. Едната рака почнува да не го риза. Очите не го ризаат веќе.
ризик 1 | м.
Возможна опасност од нешто. Таа работа е со ризик. Се изложи на ризик. Постои голем ризик. Презеде ризик.
ризик 2 | м.
Среќа. Ризик немала да се омажи за младо момче.
ризикува | несв.
Се изложува на ризик. На тоа работно место таа ризикува да го изгуби здравјето. Таа ризикуваше да загине за да го спаси своето дете. Тој многу ризикуваше, но сепак успеа да ја постигне целта.
ризичен | прид.
Што содржи во себе опасност, ризик, што е поврзан со ризик. Ризична инвестиција. Ризична работа. Ризична акција.
ризлинг | м.
(бот.) Вид бело грозје.
ризница | ж.
а) Просторија во која се чуваат пари, накит и други скапоцености; каса, благајна. Царска ризница. б) (црков.) Просторија за чување одежди и други скапоцености. Манастирска ризница.
ризничар | м.
Човек што ја чува, што е одговорен за ризницата.
ризом | м.
Подземно стебло со издолжен облик. Ментата образува подземни стебла, ризоми преку кои се размножува.