симсиле | ср.
Род, потекло, фамилија. Во моето симсиле немало кодоши.
симулант | м.
Човек што симулира, што се преправа. Меѓу пријавените војници за преглед имаше и болни и симуланти.
симулантство | ср.
Пројава, дејство на симулант; симулирање.
симулатор | м.
Направа што симулира некоја вистинска појава или процес со цел да се проучи нешто или да се извежба нешто. Симулатор за возење на автомобил.
симулација | ж.
Во повеќе дејности и научни области ‒ имитација на некој процес, дејство или состојба со цел подобро да се проучи, да се навикне некој на нешто, да се предизвика бараниот или очекуваниот ефект; симулирање. Симулација на земјотрес поради проверка на издржливоста на градежни објекти.
симулира | несв.
Се преправа, создава лажна претстава за нешто. Симулира дека е болен.
симултан | прид.
Што станува, што се случува во исто време. Симултан превод. Симултан преведувач.
симултанка | ж.
Во шахот ‒ игра на еден играч против повеќемина на повеќе шаховски табли истовремено.
симфониета | ж.
Мала симфонија.
симфоничар | м.
Композитор на симфонии.