симпатичен | прид.
Што предизвикува симпатија, мил, привлечен, пријатен. Симпатична девојка. Симпатичен маж. Симпатично носе. Симпатични завеси. Симпатична госпоѓа.
симпатија | ж.
Склоност кон некого или кон нешто. Отсекогаш чувствуваше симпатија кон своите соседи. Критиката со симпатија го прифати неговиот нов роман. Тој стекнал симпатии кај народот. Покажуваше отворена симпатија кон него.
симплификација | ж.
Поедноставување на нештата. Симплификација и формализација на знакот.
симплифицира | св. и несв.
Поедностави, поедноставува. Ти премногу ги симплифицираш работите.
симплока | ж.
Стилска фигура што се состои од повторување на исти зборови на почетокот и на крајот од стиховите.
симпозиум | м.
Состанок на научници, на тесен круг специјалисти по определена тема. На симпозиумот беа поднесени 30 реферати. Симпозиум посветен на животот на поетот.
симптом | м.
(мед., биол.) Карактеристична пројава или надворешен признак на некоја болест. Симптоми на грип. Најкарактеристични симптоми на недостаток на калиум во исхраната на растението се сретнуваат на листот, коренот, цветот и плодовите.
симптоматичен | прид.
Што служи како симптом на нешто. Симптоматично е однесувањето на директорот по тоа прашање. Симптоматично држење. Симптоматично е донесувањето на одлуката токму во ваков критичен момент.
симпур | м.
Нервоза. Ме фаќа симпур.
симс | м.
Продолжена стреа на куќа, издаден дел од покривот. Должината на симсот изнесувала до 80 см.