фазанерија | ж.

Ограден простор каде што се одгледуваат фазани. Фазаните се одгледуваат во фазанерии.

фазанов | прид.

Што се однесува на фазан, што е од фазан. Фазанови пердуви.

фазла | прил.

Отповеќе, повеќе од определеното, од потребното. Фазла пари. И не ми рече (таа) ниту еден лаф фазла. Јас немам фазла животи.

фазон | м.

Начин на изработка, облик, крој. Фазонот на палтата тогаш бил поинаков. Па кога ќе им даде фазон на реверите! Фазон на шапка.

фазонира | св. и несв.

Оформи, оформува, обликува, даде, дава фазон. Му ја фазонира шапката. Му ја фазонира фризурата.

фак | м.

Стапица за фаќање птици, глувци. На таванот постави фак за глувци.

факел | м.

Прачка, палка чиј еден крај е намотан со колчишта и премачкан со нешто што може да дава и одржува пламен. Коњаници наоружани со факли во рацете. Фрлил запален факел во бурињата со барут.

факир | м.

Индиски аскет кој со упорно вежбање стекнува такви вештини што изгледаат невозможни и чудесни.

факлоносец | м.

Тој што носи факел. Се погрижија за факлоносците.