фронтовец | м.

Активист на организацијата Народен фронт по Втората светска војна.

фронтон | м.

Релјефен ѕиден декор над влезот или на предниот дел од зграда, куќа. Се гледаше богато украсениот фронтон, потпрен врз столбови.

фротир | м.

Рапава памучна ткаенина што се употребува за изработка на крпи, бањарки, пижами и сл.

фрска | несв.

Удира со прачка, камшик и сл. испуштајќи звук. Замина фрскајќи со камшикот по коњот. Леските ја фрскаа по образите.

фрсне | св.

Удри со прачка, камшик и сл. испуштајќи звук. Го пресече со погледот, небаре го беше фрснал со камшик преку лице.

фруглица | ж.

Трска на која е зашиена бела везена кошула, а на врвот има варкосано јаболко; свадбено знаме; хоругва.

фругличар | м.

Тој што ја носи фруглицата, свадбеното знаме.

фруктоза | ж.

Овошен шеќер. Фруктозата има големо значење во исхраната на човекот.