шприцер | м.

Пијалак подготвен од вино измешано со сода или минерална вода. Студен шприцер. Испи неколку шприцери.

шприцне | св.

Прсне, распрсне мирис, спреј и сл. Таа шприцна од парфемот во воздух. Јас шприцнав освежувач во собата за да не мириса на тутун.

шрамана | ж.

Аскет, пустиник, следбеник и ученик на Буда и самиот тој. Медитација на шрамани од целиот свет.

шрапнел | м.

Експлозивно тело, артилериска граната полнета со мали метални топчиња што се распрснуваат пред да удрат во определена цел или делови од тоа експлозивно тело. Ѕидот беше издупчен од шрапнели. Еден шрапнел го погоди. Цела вечер се слушаа шрапнели.

шраф | м.

Клинец, шајка спирално нажлебен; завртка. Метални шрафови. Дрвени шрафови.

шрафи | несв.

Наврти, цврсто поврзе со шраф; зашрафи. Тој ги шрафеше ногарките од столот со метални шрафови.

шрафцигер | м.

Клуч, алат за одвртување и завртување, за зашрафување и отшрафување. Шрафцигери со различни големини. Квалитетен шрафцигер.

Шри Ланка | ж.

Островска држава во Азија.

шрифт | м.

Вид печатни (и печатарски) букви на определена азбука. Кирилски шрифт. Ситен шрифт. Различни шрифтови.