штампа | ж.

Отпечаток, отпечатен орнамент или друг вид слика на хартија, платно и сл. На пликот имаше штампа со царски знак.

штампоса | св.

Остави отпечаток, остави знак, жиг и сл. На крајот го штампоса писмото.

штанга | ж.

Метална прачка во вид на лост. Метални штанги.

штангла | ж.

(кул.) Парче колач, чоколадо и сл. што има форма на дел од прачка. Една штангла чоколадо. Тестото се сече на мали штангли. Чоколадни штангли. Овошни штангли.

штанд | м.

Изложбен и продажен простор; тезга, место на пазар, продажен центар, саем и сл. Штандови со книги. Штанд за женска облека.

штанца | несв.

Произведува премногу брзо, сериски. Штанца уверенија.

штапин | м.

Фитиљ кај експлозивните направи, дел од минско средство. Детонирачки штапин.

штафелаен | прид.

Што се однесува на штафелај или е поврзано со него. Штафелаен сликар. Штафелајно сликарство.

штафелај | м.

Статив со три ногалки врз кој се става, се потпира слика за да може да се изработува. Сликарски штафелај.

штафета | ж.

(спорт.) Палка или некој друг предмет што се предава од еден на друг во групно натпреварување. Штафетата му испадна од рацете на вториот атлетичар. Тој црвсто ја држеше штафетата.