јагода | ж.

(бот.) Повеќегодишно овошно растение, ниско и зелјесто, со зелени триделни и назабени листови со долги дршки, со ситни, бели цветови и мали црвени мирисливи и сочни, месести плодови со тркалезна или овална форма и со многу ситни жолти семчиња од надворешната површина; Fragaria. Јагодите веќе цветаа.

јагодарник | м.

Место насадено со јагоди. Зад куќата имаше јагодарник.

јагодест | прид.

Што личи, што има форма на јагода.

јагодин | прид.

Што припаѓа, што се однесува на јагода. Јагодин цутојад.

јагодов | прид.

Што е од јагоди. Јагодов цвет. Јагодов сок.

јагуар | м.

(зоол.) Вид див ѕвер од родот мачки, живее во прашумите во Јужна Америка; Panthera onca.

јагула | ж.

Вид слатководна и морска риба што личи на змија; Anguilla vulgaris. Јагулите умираат по мрестењето. Месо од јагула.

јагулест | прид.

Што личи на јагула, што има особини на јагула; слаб, лизгав, долгнавест. Јагулеста, шушкава свила. Јагулеста девојка. Јагулесто тело.

јагулник | м.

Рибник со јагули.