изигра | св.

Одигра вид игра, улога и сл. Јас изиграв неколку партии шах со внукот. Невестата изигра едно оро. Нашите актери ги изиграа успешно своите улоги во филмот.

изим | м.

Дозвола, одобрување да се направи нешто. Бара изим од татка си да се ожени.

изискашла се | св.

Се искашла доволно. Се изискашла пред да влезе.

изискува | несв.

Бара, има потреба од нешто. Тоа изискува поголеми подготовки.

изитри се | св.

Стане итар. Тој многу се изитри работејќи во дуќанот на вујко му.

изјава | ж.

Писмено или усно излагање, признание и сл. Даде изјава во полиција како сведок на одбраната. Потпиша изјава на покајување.

изјави | св.

Соопшти пред некого, за јавност, даде изјава. Тужениот изјави решително дека не е виновен. Тој ѝ изјави љубов на својата сакана.

изјагни се | св.

За овци ‒ заврши со јагнење. Овците се изјагнија.

изјази се | св.

Се искачи високо по дрво, по скала и сл., се искачи јазејќи се. Детето се изјази по црешата да набере цреши.

изјалови | св.

Направи да биде јалов, без плод; обично за животно. Стопанот ја изјалови кобилата со многу товарање штици.