безмилосен | прид.

Што е без милост, немилостив, бездушен, немилосрден. Суров, безмилосен убиец. Безмилосна борба. Безмилосни закони.

безмирисен | прид.

Што е без некаков мирис. Безмирисен воздух. Безмирисна течност.

безмлечен | прид.

Што е без млеко, што не содржи млеко; што нема млеко, што не дава млеко. Безмлечен сладолед. Безмлечна крава.

безнадежен | прид.

Што е без надеж, очаен. Безнадежен плач. Безнадежно довикување.

безнадежник | м.

Тој што е без секаква надеж, очајник. Безнадежник на смртна постела.

безначаен | прид.

Што е без значење, без вредност, неважен, безвреден. Безначаен повод. Безначајна работа. Безначајни зборови. Водевме ситни, безначајни разговори. Купчиња од безначајни партали.

безобѕирен | прид.

Што нема обѕири, безогледен, дрзок. Тој бил подлец како човек, безобѕирен и поткуплив. Безобѕирен непријател. Безобѕирен начин. Безобѕирни трговци. Безобѕирно дете.

безоблачен | прид.

Што е без облаци, ведар, јасен, сончев. Безоблачен ден. Небото над градот беше ведро, безоблачно. Беше зима со безоблачни студови.

безобличен | прид.

Што е без определен облик. Огромен и безобличен ѕвер. Безобличен камен. Безоблична крвава локва. Безоблични сенки.

безобразен | прид.

Што е без образ, што не се срами од своите постапки, бесрамен, непристоен. Тој е безобразен. Нечесна и безобразна жена. Безобразни, невоспитани деца.