беневреци | и.
Дел од машката носија, шајачни панталони, широки во горниот дел, тесни од колена надолу. Тој беше во шарена облека, во тесни беневреци. Беневреците му биле влажни до колениците.
бенефиција | ж.
Повластеност, привилегија, корист. Австралиската влада дава извесни бенефиции во случај на болест. Секретарката ужива големи бенефиции од директорот. Социјалните случаи добиваат бенефиции од државата.
бенефицира | св. и несв.
Повласти, повластува некого, нешто.
бенефициран | прид.
Повластен. Бенефициран стаж. Бенефицирана отплата на кредит. Бенефицирани услови.
бензин | м.
Течен, безбоен нафтен дериват со различни степени на чистота и со различен состав што се употребува како погонско гориво. Цистерни со бензин. Ноќеска поскапе бензинот. Автомобилот остава зад себе мирис на бензин.
бениген | прид.
Што се лечи, што заздравува, не го доведува животот во опасност; Бениген тумор. Бенигна болест. Бенигни клетки.
Бенин | м.
Држава во Западна Африка.
бенка | ж.
Мало темно петно, пигментен израсток на кожата на човекот во големина на зрно леќа. Бенката под окото придонесуваше за убавината на нејзиното лице.
бенкалија | прид.
бенкичав | прид.
Што е со бенки, што има бенки по кожата. Се штрекна кога го виде бенкичавото лице.