одврти | св.

Со вртење отвори нешто затворено, стегнато. Тој ја одврти бомбата и ја фрли. Го одврти чепот на бочвата и виното истече. Водоводџијата ја одврти славината за вода.

одвртка | ж.

Алатка со која се одвртува и завртува нешто; шрафцигер.

одгатка | ж.

Одговор, решение на загатка; Бараше одгатка во неговите зборови. Не можеше да најде одгатка на ниедно прашање.

одгатлив | прид.

Што може да се одгатне. Одгатливо прашање.

одгатне | св.

Открие, се досети, сфати смисла на нешто загадочно, замрсено, непознато; реши загатка. Се мачеше да ја одгатне нејзината тајна. Се обидуваше да одгатне колку години има жената. Тој ги одгатна сите поставени загатки.

одглади | прил.

Од глад. Ако не беа пријателите, ќе умреше одглади.

одглас | м.

Одразен, повторен звук, глас; одек, ехо. Слушна одглас на славеј. Тишината ја нарушија одгласи на чекори.

одгласи се | св.

Се разнесе глас, звук, одекне. Низ селото се одгласи камбаната. Надвор се одгласи детска смеа.

одгледа | св.

Изгледа, израсте некого грижејќи се за неговиот физички и психички развој; подигне, воспита (обично за потомство). Таа сама ги одгледа своите деца.

одгледувач | м.

Тој што одгледува некого или нешто. Одгледувач на гулаби. Одгледувач на цвеќиња.