разглас | м.

Разгласна станица преку која се даваат различни соопштенија. Патниците ги повикаа преку разглас.

разгласен | прид.

Што служи за разгласување, за давање соопштенија. Разгласна станица. Разгласен уред.

разгласи | св.

Пренесе вест, објави, соопшти нешто. Тој им разгласи на сите дека се свршиле.

разглед | м.

Разгледување, проучување, анализа. Тоа е еден пообемен критички разглед на македонската поезија.

разгледа | св.

Погледне нешто внимателно од сите страни, извиди насекаде. Вечерта излезе да го разгледа градот. Седна, ги разгледа сите присутни и веднаш зафати разговор. Разгледа наоколу, но никого не виде.

разгледница | ж.

Поштенска картичка со слика на некое место, обично на град, предел и сл. Таа му испраќаше разгледници од сите далечни места што ги посетуваше.

разгледувач | м.

Тој што разгледува, прегледува нешто, прегледувач.

разглоби | св.

Оддели делови на нешто зглобено, споено, соединето, составено од повеќе делови, расклопи; зглоби. Детето ја разглоби играчката и не знаеше повторно да ја состави. Ја разглоби машината за да ги смени старите делови.

разгмечи | св.

Со гмечење направи нешто да стане меко. Таа го разгмечи овошјето и го претвори во каша. Го разгмечи тестото и фати да сука.