разгневи | св.
Доведе некого во состојба на гнев, разлути некого. Тие зборови ги разгневија селаните.
разговара | несв.
Зборува со некого, води разговор со некого. Разговараа долго и за безначајни работи. Одеа по улицата и нешто тивко разговараа.
разговор | м.
Зборување меѓу две или повеќе лица, размена на мислења, ставови по устен пат. Пријателски разговор. Сериозните разговори често завршуваа весело. Водеа разговор за обични работи. Кога таа влезе, тој го прекина телефонскиот разговор.
разговорен | прид.
Што е својствен за обичниот, секојдневен говор. Разговорен јазик. Разговорна форма.
разговори | св.
Позборува со некого, со разговор утеши, охрабри некого. Појде да го разговори, да го смири.
разговорка | ж.
разговор.
разговорлив | прид.
Што сака многу да зборува; речит. Жената до мене беше мошне разговорлива и бучна.
разговорник | м.
Прирачник со разговори, дијалози на теми од различни области наменет за учење странски јазик. Македонско-полски разговорник.
разголен | прид.
За делови од телото ‒ што се голи, непокриени со облека. Рацете му беа разголени до лактот. Ги спушти разголените нозе во реката. Разголени гради. Разголен грб.
разголи | св.
Симне облека од некој дел на телото. Таа ја симна марамата и го разголи вратот.