разѕвони (се) | св.
Почне да ѕвони; почне силно, долго да ѕвони. Телефонот се разѕвони уште рано наутро. Што си се разѕвонил толку, ќе го расипеш ѕвончето.
разѕида | св.
Разруши, растури нешто што е изѕидано. Кадата треба да се разѕида за да може да се отстрани.
разигра | св.
Натера некого или нешто да игра, направи некој да почне да игра. Убавата музика ги разигра сите присутни.
разигран | прид.
Глаголска придавка од разигра.
разискри | св.
Почне да прави, да фрла искри, разгори. Кога го расчепка, огнот разискри.
разјаде | св.
За црви, молци, термити и сл. ‒ изгризе, издупчи. Термитите го разјадоа дрвениот под на куќата. Летото молци му го разјадоа палтото.
разјадлив | прид.
Што може да се разјаде, оштети. Разјадлива супстанција.
разјадоса | св.
Доведе во состојба на јад, гнев, разгневи, разлути. Нејзината постапка го разјадоса.
разјарен | прид.
Што е опфатен со јарост, што изразува јарост. Разјарен ѕвер. Разјарен народ. Разјарен поглед.
разјари | св.
Доведе во состојба на јарост, јад, гнев. Тие зборови го разјарија селанецот.