размириса се | св.
Почне силно да мириса, да се шири мирис на сите страни. Полето се размириса. Собата се размириса од зумбулите.
размирица | ж.
Несогласување, расправија, раздор, смут. Жестоки размирици.
размисла | ж.
Мисла проследена со долга и сериозна анализа. Грешна размисла. Точна размисла. Слободна размисла. Критички размисли.
размисли | св.
Со мислење оцени, одмери, расуди, дојде до некаков став, заклучи; обмисли сестрано. Тој размисли добро пред да дојде кај нас. Размисли за понудата, а потоа одговори ми. Јас треба да размислам како да му помогнам.
размјаука се | св.
Почне многу да мјаука. Мачките се размјаукаа.
размножи | св.
Овозможи нешто живо да го има повеќе, расплоди, намножи со плодење. Сточарите ги размножија стадата во планините. Научниците од Институтот го размножија вирусот, обидувајќи се да го сопрат неговиот прогрес.
размолскоти | св.
Почне силно да молскоти. Небото силно размолскоти.
размоми | св.
Направи некоја да не биде мома, одземе девственост. Тој многу моми размомил.
размонтира | св. и несв.
Разглоби, разглобува, растури, растура нешто монтирано; Мајсторите ја размонтираа бараката. Тие ја размонтираа машината. Тој ја размонтира печката за еден час.
размота | св.
Развие, одмота нешто замотано. Таа го размота клопчето. Тој ја размота хартијата од кутијата.