расоли | св.

Отсоли, отстрани сол од нешто со помош на вода. Таа го расоли сирењето во студена вода. Ова јадење не може да се расоли.

расолка | ж.

Лист од кисела зелка. Тенки расолки. Во расолка ставаше пропржен ориз и парче сува пиперка и правеше посни сарми.

расолник | м.

Вид пита со расол, со кисела зелка. Пред Бадник, за постот јадевме расолник.

расолница | ж.

Солена вода во која се чува расолот, киселата зелка; јува. Пиеше расолница за да се трезни. Јадеше расолница со леб.

расони | св.

Разбуди некого, прекине сон, дремка некому. Силен тресок ја расони. Таа ги расони домашните. Ѕвонењето на телефонот ме расони.

распавта се | св.

Почне силно да павта, се размавта, обично со раце. Тој се распавта со рацете. Тие се распавтале со знамињата.

распад | м.

Распаѓање на некаква целина (организација, партија, систем и сл.). Распад на клубот.

распади | св.

Разбрка, растера, разгони на разни страни, сите. Таа ги распади децата од дворот.

распадлив | прид.

Што може да се распадне, што се распаѓа. Распадлив материјал. Распадлива материја.