долниште | ср.
Здолниште.
долновиличен | прид.
Што се однесува на долната вилица. Долновилична коска.
долноземец | м.
Лице што е родено или живее на југ. Тој е долноземец.
долнокраец | м.
Лице што е од долниот крај на некое населено место. Тој ја предводи групата долнокрајци.
долномаалец | м.
Лице што живее во маало што се наоѓа на долниот крај од селото или од градот. Децата се делеа на горномаалци и долномаалци.
долноселски | прид.
Што е од долните села, од селата во рамнините. Долноселска облека.
долови | св.
Сфати, разбере, проникне во суштината на нешто; прими нешто преку сетилата. Сакаше да го долови секој детаљ. Се обидував да ги доловам неговите душевни потреси.
доловлив | прид.
Што може да се долови преку умот или сетилата; Доловлива поезија.
долока | св.
Заврши со локањето, излока сѐ што било за локање; Ја долока сета ракија од бурето.
доломит | м.
Вид минерал што се јавува како природен двоен карбонат на калциум и магнезиум. Доломитот во природата се наоѓа во вид на карпи. Доломитите се употребуваат исто како и варовниците.