должник | м.

Лице што има долг, што должи некому нешто. Во определените рокови за отплаќање на ратите, должникот се јавуваше сам. Дај ми го списокот на должниците.

должност | ж.

Тоа што мора или треба да се направи; обврска. Во нашата куќа, мајкина должност беше да ги измолзе овците. Секој член на организацијата треба да ги знае своите должности. Граѓанска должност. Брачни должности.

долиже | св.

Заврши со лижењето. Детето ги долижа прстите.

долизга се | несв.

Дојде, стигне некаде со лизгање. Кога го заврши кругот, се долизга до него.

доликвидира | св.

Ликвидира сѐ, до крај. Треба да ги доликвидираат оние во визбата.

доликува | несв.

Одговара, прилега, е во согласност со некого, со нешто. Нему му доликувало да се дружи со такви луѓе. Бори се како што доликува!

долина | ж.

Издолжен, вдлабнат простор, рамнина меѓу ридови, обично по текот на река. Густа магла ја исполнуваше долината. Не забележа кога ги помина трите огромни долини. Тој ги носи риболовците по долината на реката. Песната живее во долините на реките и полињата.

долма | ж.

а) Вид долгнавеста тиква; тиквичка. б) Полнети тиквички (вид јадење).

долнак | м.

Вид јужен ветар што дува од низините. Низ полето дуваше долнак.

долница | ж.

Здолниште.