излишен | прид.

Непотребен, ненужен. Излишни коментари.

излови | св.

Улови големо количество (риби), многу (дивеч), улови сè. Рибарите ги изловија сите риби во езерото.

излог | м.

Место, површина зад прозорец на предниот дел од продавница што служи за излагање разни производи; витрина. Богато осветлени излози. Децата стоеја пред слаткарскиот излог.

изложба | ж.

Манифестација на која се изложуваат уметнички дела и сл. пред публика. Изложба на уметнички фотографии. Изложба на народни носии.

изложбен | прид.

Што се однесува на изложба. Изложбен простор. Изложбен салон.

изложи | св.

Постави, изнесе на показ, на гледање. Прилепската фабрика изложи на саемот нови видови цигари. Некои сликари ги изложија своите слики на градскиот плоштад.

изложувач | м.

Тој што изложува на саем, изложба и сл. На саемот се претставија повеќе изложувачи.

излока | св.

Со локање испие, целосно; лока. а) За животно ‒ обично: куче, мачка и сл. Кучето ја излока чорбата од чинијата. б) (прен., пејор.) За човек ‒ лакомо, дрчно, во поголемо количество испие. Тоа весело друштво од пијаници му го излока на домаќинот сето вино.

излоши се | св.

За човек (ретко за животно) ‒ стане лош. Кога остаре, татко ми многу се излоши.

излуди | св.

Направи да биде луд, да стане луд. Го излудеа човекот со своите постапки.