измачувачка | ж.

Мака, напор, труд; измачување. Немањето вода е измачувачка за жителите на селото.

измеќар | м.

Лице што заработува служејќи други луѓе; слуга. На Ѓурѓовден глави двајца измеќари.

измеќари | несв.

Служи како измеќар; слугува. Измеќарувал за еден кат горни руби од козинав шајак.

измеле | св.

Сомеле сето количество; сомеле. Утре ќе го измелеме преостанатиот сусам.

измелези се | св.

Стане мелез, измени првобитни својства, обично на полошо. Семето се измелезило и не е за сеидба.

измена | ж.

Поминување на една состојба во друга или на еден облик во друг, преобразба, промена. Нема никаква измена во нивниот начин на живот. Измена на Законот за пензиско осигурување. Некои решенија се донесени без никаква измена. Измените на текстот ги одобри редакцијата на списанието.

измени | св.

Направи да биде поинаков. Тие го изменија распоредот на мебелот во дневната соба. Професорот го измени ланскиот распоред на часови. Втората светска војна ја измени политичката карта на светот.

изменлив | прид.

Што може да се менува, што е подложен на промена.

измери | св.

Изврши мерење на нешто, установи со определена мера, определена димензија на нешто. Воденичарот го измери житото на кантар. Муштеријата со чекори ја измери и должината и ширината на нивата. Трговецот измери пет кила грав.

измерлив | прид.

Што може да се измери. Измерливи вредности.