идејност | ж.
Својство на тоа што содржи идеја, што е проникнато со идеја.
иден | прид.
Што ќе биде, што доаѓа; што ќе се случи во иднината. Идниот месец. Ќе дојдам на идната средба. Тоа е идниот зет. За тоа ќе зборуваат идните поколенија.
идентитет | м.
Особини или својства по кои едно лице или предмет се изделува и се разликува од другите; еднаквост, истост. Се трага по идентитетот на непознатиот ограбувач. Со посебни постапки се утврдува идентитетот на лековите. Белези на националниот идентитет.
идентификација | ж.
Утврдување на идентитет, идентификување. Знак за идентификација е личното име. Се изврши идентификација на трупот.
идентификува | св. и несв.
а) Утврди, утврдува идентитет, еднаквост. Беше повикан да го идентификува убиецот. б) Изедначи, изедначува некого или нешто со некого или нешто. Поимот држава тој го идентификува со поимот нација.
идентифицира | св. и несв.
идентичен | прид.
Ист, еднаков. Идентичен опис. Идентична судбина. Идентични односи.
идење | ср.
Доаѓање; посета. При секое идење им носеше по нешто на децата. Зачестија неговите идења и девојката се радуваше. Расправијата не почна од едно идење.
идеограм | м.
Цртеж или слика што претставува поим, писмен знак во сликовното писмо. Кинески идеограм.
идеографија | ж.
Писмо што користи идеограми, сликовно писмо.