активира | св. и несв.

Поттикне, поттикнува кон засилена активност, дејство. Откако ја заврши гимназијата тој ги активира сите другари во спортот.

активист | м.

Активен член на некоја група, заедница; човек што се занимава активно со политика или со некоја друга работа. Тој е голем активист. Активистите ја направија програмата и ја реализираа.

активност | ж.

Дејствување, работа. Учениците покажаа голема активност на часовите.

актинидија | ж.

Суптропско овошно дрво, што расте како лозата, со плодови со влакнеста тенка обвивка, однадвор кафеави, внатре зеленкасти со киселкав вкус; киви.

актовка | ж.

Едночинка, драмски текст во еден чин.

актуализација | ж.

Обновување, осовременување, доведување во важност за сегашниот момент, за сегашноста. Со претставувањето на текстовите се врши нивна актуализација.

актуализира | св. и несв.

Направи, прави да биде нешто актуелно, да стане важно во сегашниот момент. Комисијата го актуализира прашањето за акцизите.

актуелен | прид.

Современ. Ова е актуелно дело што ги следи сите најнови движења. Овие теми се актуелни.

акумулатор | м.

Складиште на електрична енергија,апарат во кој се собира резервна електрична енергија. Акумулаторот е веќе на дотрошување.

акумулаторски | прид.

Што има својство да претставува складиште на енергија. Акумулаторски систем.