алармантен | прид.
Предупредувачки. За него настанот беше алармантен знак за да се започнат подготовките. Алармантна појава. Алармантни реакции.
алармен | прид.
Што служи за означување аларм. Во банката имаше алармни уреди на секој чекор. Алармното ѕвонче се огласи.
алармира | св. и несв.
Даде, дава знак за тревога, предупреди, предупредува. Истрелот ја алармира полицијата, која ја растера толпата. Нискиот стандард постојано алармира.
алат | м.
Орудие или прибор за еден занает или за рачна работа. Си го продаде и алатот од ковачницата. Ја зеде торбичката со алатите.
алатка | ж.
Орудие, одделно парче од алатот.
алатница | ж.
Просторија каде што се прави или чува алатот. Се слушаше чукање од алатницата.
алатничар | м.
Лице што произведува алат или машини за производство на алати.
Алах | м.
Бог кај муслиманите. Го спомнува името на мојот Алах. Алах те благословил.
алаџа | ж.
Памучна ткаенина со надолжни линии. Од шарената алаџа се изработувани машките и женските елеци.
алашвереш | м.
Трговија, пазар. Го уцени и направи еден алашвериш.