амбиент | м.
Средина во која човекот живее и работи. Битов амбиент. Пригоден амбиент. Селски амбиент.
амбиентален | прид.
Што се однесува на амбиент. Амбиентален колорит. Амбиентална музика. Амбиентални вредности.
амбис | м.
Бездна, пропаст. Сѐ е улав сон што ме влече во темен амбис. Страшен амбис се отвори на патот.
амбиција | ж.
Силна желба да се направи, да се постигне нешто, стремеж кон слава, кон успех и сл. Тој има големи амбиции.
амбициозен | прид.
Што има, што покажува амбиција, што е проникнато со амбиција. Амбициозен студент. Амбициозен план. Амбициозен проект.
амбицира се | св. и несв.
Покаже, покажува, пројави, пројавува амбиција. Откако влезе во новата фирма, тој се амбицира и мислеше само на работата.
амблем | м.
Симбол, ознака со која се обележува нешто. Тие носеа маици со амблемот на фудбалскиот клуб.
амблемен | прид.
Што се однесува на амблем. Амблемна песна.
амброзија | ж.
(мит.) Храна на грчките богови што дава младост и бесмртност.
амброзиски | прид.
Боговски, натприроден. Амброзиски бесмртни јасли.