буклија | ж.

Дрвен сад за вода или за вино со синџир за носење преку рамо или за товарање на добиток. Едно овчарче дојде на чешмата со голема буклија да наполни вода.

букне | св.

Пламне, наеднаш почне силно да гори. Пука камен, земја гори, / в пламен букнал селски плот.

буков | прид.

Што е од бука. Букова шума. Букова граѓа. Буков паркет.

буковец | м.

Вид зачин од истолчени суви пиперки, сол и зачини.

буковина | ж.

Буково дрво, градежен материјал од буково дрво. Од одајчето идеше киселикава миризба на сурова буковина.

буковка | ж.

Вид печурка што се јаде и се одгледува индустриски, во природата расте на паднати стебла, најчесто букови; Pleurotus ostreatus.

букоглав | прид.

Тврдоглав. Тој е букоглав.

букот | м.

Звук што се слуша при дејство проследено со силен звук, експлозија и сл. Уште беше темна ноќ кога кај Планина се зачу букот.

букоти | несв.

Оддава силен звук. Топовите цела ноќ букотеа.

букотница | ж.

Звук, силна бука, букотење. Зад ридиштата се слушаа букотници.