буниште | ср.

Место каде што се исфрла гнојот, ѓубрето од шталата. Ја рине пондилата, го изнесува гнојот на буниште, им дроби зелје на свињите.

бункер | м.

Складиште. Дрогата била сместена во бункер во автомобилот.

бунт | м.

Отворено противење, изразување незадоволство. Бунтот во училиштето започна со исклучувањето на неколку ученици.

бунтовен | прид.

Што е секогаш готов на бунт. Тој е со бунтовен темперамент. Тој верно ги слика настаните од бунтовната историја на македонскиот народ.

бунтовник | м.

Тој што учестува во бунт, што крева бунт. Врзаните бунтовници, откако влегоа во градот, ги кренаа главите високо.

бунтовнички | прид.

Што се однесува на бунтовник. Бунтовнички водачи. Бунтовнички дух.

бунтовништво | ср.

Активност, дејство на бунтовници. Тој се истакнал со верски фанатизам, шовинизам и бунтовништво.

бунтува | несв.

Поттикнува на бунт. Тој ги бунтуваше слугите против експлоатацијата што ја вршеа над нив нивните господари.

Бур | м.

Поранешен назив за Африканерите во Јужноафриканската Република.

бура | ж.

Силен студен ветер со невреме, обично со дожд или снег. Се очекуваше езерска бура. Малото облаче се претвори во силна бура. Песочна бура. Снежна бура.