белевче | ср.

Дем. од белешка 2.

белег | м.

Природен или вештачки знак за распознавање. Покусата нога била само белег. На овците им ставаа белег на десното уво.

белее | несв.

Обелува, губи од интензитетот на својата боја. Облеката белее на сонце. Од често перење алиштата белеат.

бележан | прид.

Обележен, означен. Бележан пат. Евреите се движеа бележани.

бележи | св. и несв.

Става белег, ознака. Јагнињата ги бележат на Благовец. Говедата ги бележеа со усвитено железо. Тој го бележеше просторот до шумата.

бележит | прид.

Значаен, познат, изразит. Тој е бележит претставник на четвртата генерација повоени поети. Тој е најбележитиот ученик на солунските браќа. Бележита е неговата активност на научен план.

бележник | м.

Тетратка за белешки; нотес. Во рака носеше бележник и прирачен магнетофон. Бележникот му е исполнет со податоци за убиецот. Масата беше покриена со подвиткани бележници.