белоглав | прид.

Што има бела, седа коса; белокос. Светлината паѓаше врз свенатото лице на белоглавиот старец.

белоглавец | м.

За човек – тој што е белоглав, побелен, старец. Слушај и послушај што ќе ти каже еден белоглавец! Во првиот ред седеа белоглавци.

белогрив | прид.

Што има бела грива. Коњот крена белогрива глава.

белогрлест | прид.

Што има бело грло. На орото наредени белогрлести невести.

белоденски | прил.

Преку ден. Окупаторите белоденски ги ограбуваа селаните што се враќаа од пазар. Белоденски излезе од участокот.

белодробен | прид.

Што се однесува на белите дробови. Белодробни крила. Белодробна туберкулоза.

белокож | прид.

в. белец

белокор | прид.

За растение – што има бела кора. По мазното стебло на белокората топола во врвица се качуваа големи мравки. Притаено зашумеа белокорите буки од блиската шума.