впреде | св.

Испреде повеќе нишки, конци во една. Заедно впреде бели и црвени нишки.

впрочем | мод.

За надоврзување нова мисла, дополнително изнесување некоја околност за кажаното. Тоа се само твои претпоставки, впрочем, неточни. Тој го заврши правото со докторски испит, впрочем не особено сјајно положен.

впушти се | св.

Се стрчне силно, брзо. Кучето силно залаја и му се впушти на зајакот. Полицајците се впуштија накај шумата, мислејќи дека сум таму скриен.

врабец | м.

Малечка сива птица што живее во населени места; Passer domesticus. На трнчето беше слетал врабец.

вработен | прид.

Што работи; што е во работен однос. Треба да се намали бројот на вработените во нашиот колектив. Таа е и мајка и вработена жена.

вработи | св.

Постави, прими некого на работа, во работен однос. Го вработија во една живинарска фарма.

врав | м.

Снопови жито послани на гумно за вршидба. Втераа во секој врав по пет-шест коњи, та до пладнина беа извадени сите три вравови.

враг | м.

Според верските претстави, натприродно суштество што е олицетворение на злото; ѓавол, сатана.

врагов | прид.

Што се однесува, што му припаѓа на враг. Врагова постапка.

враговштина | ж.

Итрина, лукавство. Станал познат по своите враговштини.