вечерава | прил.
Во текот на оваа вечер. Вечерава ќе имаме гости.
вечерашен | прид.
Што се однесува на оваа вечер. Вечерашната претстава. Жената го сипа измолзеното вечерашно млеко во крблата и го покри со цедилото.
вечерва | прил.
Во оваа вечер. Тој ќе дојде вечерва да се види со своите пријатели. Вечерва треба да се навади градинчето.
вечерен | прид.
Што се однесува на вечер. Вечерен весник. Црн вечерен фустан. Вечерно училиште.
вечерина | ж.
Приквечер, време пред да настапи вечер. Една вечерина се врати тој од туѓина.
вечеринка | ж.
Вечерна забава. Младите приредуваа вечеринки во општинската зграда.
вечериште | ср.
Место каде што пасат овците навечер, пред второто молзење.
вечерна | ж.
Вечерна црковна служба. Камбаната бие за вечерна.
вечерник | м.
Ветар што дува навечер. Во сувите лисја зашуме вечерникот. Вечерникот ката вечер јурнува околу полноќ од Маркукуле надолу.
Вечерница | ж.
Ѕвезда што се гледа навечер прва по заоѓањето на сонцето, Венера. На темното модрило на небото се јави Вечерницата, светла и треперлива.