види | изв.

При исчудување. Види, види, што голем маж си бил!

видик | м.

Простор до каде што може да се гледа со голо око, што може да се опфати со поглед. Качен на столот добива поголем видик.

видлив | прид.

Што може да се види, што се гледа. Го изложуваше планот со видливи знаци на возбуда. Едвај видлива насмевка му се појави на лицето.

видливост | ж.

Својство на тоа што може да се види.

видно | прил.

Видливо, очевидно. Беше видно возбуден од средбата.

видовит | прид.

Што може да гледа, да предвидува работи што ќе се случат во иднина, јасновидец, визионер. Видовитата жена им ја претскажуваше судбината на луѓето.

видовиште | ср.

Гледање, посета, визита. Пред четири години беше на видовиште во татковината и пак се врати тука, на туѓина.

видоизмени | св.

Смени изглед, форма на нешто, направи видлива промена. Комисијата го видоизмени својот првобитен предлог. Современата техника го видоизмени животот на нашите луѓе.

видокруг | м.

Видик, хоризонт. Добро ги разгледа предметите што му се наоѓаа во видокругот.

видра | ж.

Животно со издолжено тело приспособено за живот во и покрај вода, многу подвижно и брзо; Lutra lutra. Видрата го фати рипчето, се преврте на плеќи и слатко го изеде пред очите на љубопитните посетители.