геологија | ж.
Наука за настанувањето, составот и градбата на Земјата.
геометар | м.
Човек што се занимава со мерење земјиште.
геометрија | ж.
Дел од математиката што се занимава со просторните форми, односно со геометриските тела, површини, линии и точки, нивното мерење и нивниот меѓусебен однос. Нацртна геометрија.
геополитика | ж.
Наука што го проучува влијанието на географската положба на една земја врз нејзиниот општествен и политички живот.
георгина | ж.
Украсно растение со крупни цветови, слично на роза, по потекло од Мексико; далија; Dahlia variabilis.
геофизика | ж.
Наука за физичките особини и процеси на Земјата и во неа.
геоцентризам | м.
Застарено сфаќање за Земјата како центар на вселената околу кој се вртат сите небесни тела.
геоцентричен | прид.
Што се однесува на центарот на Земјата.
гепард | м.
Вид диво животно со дамки по телото, со високи нозе и со мала глава, познато како најбрзо, од фамилијата мачки, распространето во Африка и во Југозападна Азија; Acimonyx jubatus.
геријатрија | ж.
Дел од медицината што се занимава со болестите што доаѓаат со стареењето, нивното лекување и профилактика.