главен | прид.
Што е прв по важност, што е решавачки, битен, суштествен, основен, централен. Тој е главна личност во романот.
главеник | м.
Човек што се глави за работа; слуга, наемник. Преку лето имаше повеќе главеници на имотот.
главест | прид.
глават. Беше и главест и мешлест.
главечки | прил.
Со главата надолу. Сите ќе одиме главечки во бездна.
главешина | м.
Поглавар, главар, старешина, водач; Главешините на охридската чаршија сакаа да се оградат од настаните.
глави | св.
Најми некого за работа на определено време. Неговиот татко бил принуден да го глави за козарче.
главина | ж.
Средиштен дел на тркало.
главица | ж.
Тркалезен дел од некои растенија. Пикнаа во една торба еден пешник леб и три главици кромид и кинисаа.
главичка | ж.
Дем. од глава.
главнина | ж.
Поголем дел од нешто. Главнината од парите им беше в банка.