доктринерство | ср.

Строго придржување кон определена доктрина без согледување на фактите од реалноста. Тој беше против партиското доктринерство.

документ | м.

Официјално издаден текст со определени податоци што може да послужи како доказ или потврда за нешто. Лични документи. Патни документи. Документи за идентификација.

документарен | прид.

Што се однесува на документи, што е заснован на документи или податоци за нешто. Документарен филм. Документарен материјал. Документарна фактура.

документарец | м.

Документарен филм. Тој снима само документарци.

документарист | м.

Автор или режисер на документарни филмови.

документација | ж.

Документирање, потврдување на нешто со документи, со докази. Неговата книга е извонредна документација за животот на овие простори во минатиот век.

документира | св. и несв.

Наведе, наведува сигурни докази, докаже, докажува со документи. Тој го документираше своето тврдење со ред факти. Го документирала своето барање со сите потребни документи.

документиран | прид.

Што е поткрепен со документи, со докази. Документиран материјал. Документирана информација. Документирани записи.

докуп | м.

Докупување на нешто одеднаш, обично во поголема мера. Се пензионира со докуп на стаж.

докупи | св.

Заврши со купување. Отидовме на пазар и докупивме сѐ што ни требаше.