досели | св.

Доведе некого да живее од едно место во друго, го насели некаде. Владата досели овде семејства од другиот крај на земјата.

досети се | св.

Сфати, погоди, одгатне нешто, ја открие смислата или значењето на нешто. Се плашеше да не се досетат што наумил. Луѓето се досетија кој е тој ќелав селанец. Се обидуваше да се досети за што зборуваше татко му.

досетка | ж.

Духовит збор или забелешка, закачка, шега. Наеднаш се присети на некаква досетка. Беше задоволна од својата досетка. Извикуваше досетки од кои гостите се смееја до солзи.

досетлив | прид.

Што лесно се досетува, што брзо наоѓа решение, се снаоѓа. Таа беше умна и досетлива жена. Сака да се прикаже поитра и подосетлива од него.

досече | св.

Заврши со сечењето. Го досекоа месото и го ставија да се вари.

досига | несв.

досие | ср.

Сите документи што се однесуваат на некоја личност или предмет. За неа постои посебно досие. Ние имаме досиеја за исчезнатите лица.

досипе | св.

Сипе до крај. Го досипа целото брашно во водата што вриеше.